Национална опера и балет | 20:00
VIEUX FARKA TOURÉ
Мали
Сахарскиот Џими Хендрикс - така Guardian неодамна го нарече Vieux Farka Touré. А има и зошто. Гитаристот од Мали успева да биде виртуоз на инструментот, а притоа да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста. Способноста за овој фантастичен дијалог уште еднаш се потврди преку соработката со Khruangbin, инди супер бендот од Тексас, кои и самите ја преплетуваат својата музика. Нивното заедничко издание "Ali" (2022), со изведби на теми на колосалниот Аli Farka Touré јасно покажа дека Vieux Farka Touré не само што не е во сенката на својот монументален татко, туку го надоградува наследството на волшебен начин. Чистите петки од критиката за овој албум беа само печат на она што љубителите на западноафриканската музика го знаат речиси 20 години. Vieux Farka Touré е маестрален гитарист. Тој држи изведувачко авторски курс кој што постојано добива на интензитет, а важно е да се забележи и дека низ неговото богато творештво постојано се проткајуваат пораките за мир, толеранција и љубов. Неговиот последен албум, “Les Racines” (2022, World Circuit), во превод „Корени“ е вистинско ремек-дело кое дефинитивно го издигнува Vieux како една од најголемите звезди на африканската музика денес.
Национална опера и балет | 22:00
FLORENCE ADOONI
Гана
Музиката на Флоренс Адони е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, и многу повеќе од тоа. Ова е повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и богати вокални хармонии. Родителите на Флоренс Адони се Фрафра, а таа родена на југот на Гана. Фрафра заедницата е од северот на Гана и има специфични обичаи кои видно се разликуваат од оние на Ашанти луѓето од југот. Бидејќи од самото раѓање е изложена на различните култури, Флоренс Адони лесно ги спојува двата света. Нејзиниот прв албум “La Pa’aya” (2011) е инстант хит, а работите драстично се менуваат две години подоцна. Германскиот продуцент Max Weissenfeldt ја истражува Гана и сосема случајно ја запознава Флоренс во продавница за музика, каде таа самата го дистрибуира својот втор албум, “Da Sake” (2013). Следуваат низа соработки со локални супер-групи и таа во 2018-та за прв пат доаѓа во Европа. Нејзиното прво меѓународно издание “Mam Pe’ela Su’ure” (2021) веднаш го свртува вниманието и веќе во 2023-та настапува на неколку проминентни фестивали. По повеќе од 70 европски концерти во последниве две години Флоренс Адони доаѓа во Скопје со свеж материјал од албумот “A.O.E.I.U” за Philaphone records.