Индекси и пријателите слават 60 години во Скопје
Со концертниот спектакл „ИНДЕКСИ И ПРИЈАТЕЛИТЕ“ на 28.10 2022 година во концертната сала на Филхармонија ја славиме 60-годишнината од основањето на култниот сараевски бенд ИНДЕКСИ. Концертот во Скопје е дел од регионалната тура, во организација на компанијата MUSIC TIME, а за која од различни краеви на светот ќе се соберат живите членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Синан Алимановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја започна во Индекси, и гитаристите Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ.
На сцената нẻ очекува спој на поискусни и на млади пејачи, но сите со одлични вокални квалитети: Дадо Топиќ, Саша Драгаш, Нено Белан, Бранко Ѓуриќ–Ѓуро, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменов, Амел Ќуриќ, Аида Мушановиќ- Арсиќ, Тамара Тодевска, Сара Војичиќ, и Дејан Цукиќ.
Индекси е најдолготрајната и најзначајната босанска поп-рок група и една од најдобрите екс-ју бендови која жареше и палеше од 1962 до 2001 година.