info@karti.com.mk

DAVID VIRELLES ROB MAZUREK EXPLODING STAR ORCHESTRA

Октомври

19

800 мкд

20:00

Национална Опера и Балет, Скопје

                                                                     

 

DAVID VIRELLES / ROB MAZUREK EXPLODING STAR ORCHESTRA @ Skopje Jazz Festival

DAVID VIRELLES

 

David Virelles – пијано

 

Њујоршкиот пијанист и композитор Давид Вирејес пораснал во во Сантијаго де Куба, во музичко семејство задоено со музиката на афро-карипската дијаспора и западната класична музика. Во 2001 година, на покана на Џејн Банет, се сели во Торонто, Канада, каде што дипломирал на колеџот Хамбер, во кој подоцна и предавал. Во тоа време, Вирејес интензивно настапувал низ Канада со неговите состави, како и со неколку други. По преселбата во САД во 2009 година, Давид органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет, интерес што го пројавува уште на 14-годишна возраст. Иако своето творештво го смета за „сто проценти традиционално“, во пракса, тој создава синкретична нова лична музика, наместо проста мешавина од елементи или рециклирање. Покрај неговата соло кариера, тој соработувал со Хенри Тредгил, Рави Колтрејн, Ендрју Сирил, Реџи Воркмен, Оливер Лејк, Бил Фризел, Томаш Станко, Вадада Лео Смит, Стив Коулмен, Пол Мотиан, Чучо Валдес, Хермето Паскоал и многу други. Прогласен е за „Број 1 ѕвезда во подем“ во категоријата пијано од страна на списанието „DownBeat“, како и за артист на годината во списанието „Musica Jazz“, а добитник е и на голем број меѓународни награди. Неговиот последен албум „Nuna“ (2022), своевидно истражување во сферата на соло пијаното, беше во самиот врв на неколку релевантни годишните листи на најдобри албуми, вклучувајќи ги „The New York Times“ и „NPR“. Вирејес е гостин-професор на реномираниот JazzCampus во Базел и професор по пијано на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија.

 

 

ROB MAZUREK EXPLODING STAR ORCHESTRA


Rob Mazurek – режисер, труби, ѕвончиња, вокал, композитор

Nicole Mitchell – флејта, вокал, електроника

Damon Locks – вокал, семплови, електроника

Angelica Sanchez – пијано

Ingebrigt Håker Flaten – контрабас

Pasquale Mirra – вибрафон

Victor Vieira-Branco – вибрафон

Mikel Patrick Avery – тапани

Gerald Cleaver – тапани

 

Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, абстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите, кој стекна одлична репутација со Chicago Underground, бенд кој, низ годините, метаморфозираше од дуо во оркестар. Во Бразил, каде што живееше неколку години, тој создаде сличен состав наречен São Paulo Underground, а по враќањето во Чикаго, во 2005 го оформи генијалниот Exploding Star Orchestra. Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, инкорпорирајќи значајни музичари од пост-рок, AACM и слободната импров сцена. Единствената категорија што би можела да ги дефинира е „ол-старс“ - секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез,  некои од нив припаѓаат на американската креативна музика, додека другите ги претпочитаат високите дострели на европската импровизација. Творејќи со експлозивна енергија и фасцинантна посветеност, Роб Мазурек брилира, извлекувајќи го најдоброто од музичарите што прецизно и внимателно ги избрал. Заедно, тие ги евоцираат врвовите што ги освоија Бела Барток и Гил Еванс, Мортон Фелдман и Бил Диксон, Сан Ра и The Art Ensemble of Chicago. Последниот албум на Exploding Star Orchestra, извонредниот „Lightning Dreamers” (2023), е посветен на блиската соработничка на Мазурек, прерано починатата Џејми Бранч. Универзумот е огромен простор. Роб Мазурек го исполнува својот дел со грандиозен звук.